Политичката порака на Мадагаскар (трилогија цртани филмови)

Напомена: Текостот подолу содржи информации за трите анимирани филмови Мадагаскар. Не читајте понатаму ако сметате дека овој текст ќе ви влијае на вашето уживање при гледањето на филмовите за прв пат. 

Неодамна разговарав со еден пријател за тоа колку цртаните филмови од нашето детство кои се безвременски, содржат елементи што се обраќаат и на возрасната и на најмладата публика. Една од главните причини за ова е тоа што цртаните филмови се креирани од возрасни за деца, така што јасно е дека финалниот производ е димензиониран за повеќе демографски групи. Второ, оние филмови кои останале во нашите сеќавања и веројатно планираме да им ги прикажуваме и на нашите деца се приказни кои немаат само т.н. "entertainment value", туку се приказни за моралот, правилните животни вредности, вистински лекции по етика.

Дизниевите цртани со кои израснавме беа екранско оживување на бајките и легендите и не' учеа како добрината и љубовта можат да го сменат светот и да ги победат неправдите и злото. Мудроста во овие приказни е скоро еднаква на пораките содржани во низа религиозни четива, пишувани пред стотици години и актуелни се' до денешно време.

Но, во денешно време новите генерации мораат да конзумираат многу повеќе од неколку сега веќе статични дизниеви бајки. Модерната динамика на животот не може да се спореди со она што го гледаме во цртаните од триесетите години од минатиот век. Младите имаат потреба да конзумираат содржини богати со информации, забава, елементи кои побудуваат интерес и понатамошна  интеракција.

Успешна формула за тоа е несомнено трилогијата Мадагаскар, анимиран филм за доживувањата на животните од Њујоршката зоолошка градина.
Што го прави Мадагаскар толку добар? Филмот е совршен спој на есетика, хумор, авантура - вистинско уживање за сите сетила. Бидејќи сите три филмови ги гледав како возрасна, јасно ми е кои елементи на филмовите ми се привлечни мене, а претпоставувам кои на децата. На пример ако мене ми се допаѓа хуморот и суспензијата во текот на целата приказна, на најмладите сигурно им значи акцијата и можноста да се запознаат со нови, за нив непознати животински видови.

Но, ова е само површината. Има ли нешто подлабоко?

Несомнено онаа наједноставна порака наменета за сите демографии е третманот на животните кои живеат во заробеност цел живот. Филмот ги тера луѓето да разберат дека животните кои живеат во зоолошки градини се всушност заробеници и за доброто на нивното здравје и среќа треба да живеат во нивните природни живеалишта (хабитат). Но јас не би запрела тука. Секоја приказна заслужува да се анализира до самото дно, а не верувам дека стигнавме до таму.
Ако од малку подалеку се разгледа целата приказна, тогаш на кратко таа би била: животните уживаат во една од најубавите золошки градини во светот. Храната им се сервира точно во времето кога ќе огладнат, се' им е навидум обезбедено и немаат воопшто потреба да размислуваат за светот надвор од зоолошката. Само зебрата мечтае да го види родното место каде верува дека би била многу посреќна. Кога заради сплет на случајности (предизвикани од бегството на зебрата од зоолошката) излегуваат од зоолошката и завршуваат на Мадагаскар, сфаќаат дека животот не е она што си мислеле. Почнуваат да разбираат всушност кои се тие и дека за преживување треба да се бори, но и работи во групи. Помислата на утопијата во зоолошката им дава волја и сила да се трудат да го најдат својот пат назад. Со јасна заедничка цел и силно пријателство, ја совладуваат далечината и по некој негативец и успеваат да се вратат назад. Но, таму вистината ги удира во очи. После се' што ќе поминат низ своите авантури, им станува јасно дека животот за кој мислеле дека е совршен бил всушност лага и ропство. На крајот одлучуваат да заминат од зоолошката и заедно со група циркуски животни да патуваат низ светот со циркус на кој самите тие се сопственици.

Звучи познато? Ја гледате ли паралелата? За мене, животните претставуваат граѓани на општества во кои владее цензура и диктатура. Иако живееме во модерно време, вакви ги има многу. Со недостиг на информации и суровини/производи, граѓаните имаат привидно совршен живот, бидејќи не знаат за друго. Масовно конзумираат иста еднолична ментална и вистинска храна. Оние кои сонуваат за подобро и веруваат дека е возможно се сметаат за анархисти и закана за добробитот на оние околу нив. Но храбрите постапки на малкуте вакви ќе речам активисти може да придонесат до отварање на очите на целото општество. А кога вистината е достапна и е јасна, тогаш општеството е подготвено да се смени, да доживее промена на системи од деспотизам во демократија. Промена на системите може да се случи само ако се создаде критична маса со силна волја, волја која се добива само со отворени очи.

Оваа порака на трилогијата за мене е најсилна и најдлабока. Тоа што доаѓа во детски филм од 2012 година значи дека светот очајно треба да се разбуди. Секогаш кога вака анализирам се прашувам дали авторот намерно ги втемелил скриените пораки така длабоко за да гледачот се труди да ги бара, или е само мое лично сфаќање. Како и да е, за мене, повеќеслојни пораки во филмови, па макар и цртани се "entertainment value".


Creative Commons License
This work is licensed under a Creative Commons Attribution 3.0 Unported License

.