Дали има место за премногу социјални мрежи?

Најавата дека Google размислува за тоа како да понуди начин за верификација на акаунтите (за познати личности) ме натера да размислувам - на колку социјални мрежи еден корисник може максимум да оддржува присуство/профил? Одговорот на ова прашање е од голема важност за бизнисите - имено на начинот на кој тие треба да управуваат со своите напори во социјалните мрежи. 

Опција 1 - Интеграција на бесконечен број профили

Голем дел од корисниците во иднина би имале профили на минимум 2, а максимум бесконечен број социјални мрежи. Тоа значи дека Интернетот ќе е Мека за развој на апликации за интеграција на акаунти на повеќе социјални мрежи. Притоа, апдејтите од секоја мрежа корисникот ќе ги добива преку една апликација/клиент (бидејќи преку прелистувач ќе стане невозможно). Така што, спецификите на секоја социјална мрежа поединечно би биле фактори за еден корисник да се зачлени и постепено да ја изгради својата заедница на таа мрежа, но на долг рок не се толку битни бидејќи преку апликацијата апдејтите од секоја мрежа ќе изгледаат исто. Колку е оваа варијанта возможна, не се знае, но јасно е дека  бизнисите ќе имаат тешка задача во пласирањето на содржини во ваков "медиски микс".

Опција 2 - Насочени социјални мрежи

Можеби трагичната судбина на Myspace не е така трагична како што мислевме. Од мрежа за дејтинг и комуникација, Myspace прерасна во заедница за музика и забава. Овој сервис си го најде своето место под сонцето, и веројатно и другите социјални мрежи ги чека истата иднина. Така бизнисите лесно ќе можат да ги таргетираат своите целни публики бидејќи ќе биде многу појасно на кои социјални мрежи ќе може да градат дијалог со специфичните кориснички сегменти. 

Oпција 3 - Мерџери и исчезнувања

Според оваа теорија, на долг рок нема да има премногу социјални мрежи. Секогаш ќе има мрежа како Facebook, во зрела фаза на прифаќање на корисниците, мрежа како Twitter каде што вестите и мислењата се креираат, нови конкуренти како Плус, итн. Но исто така не треба да се знаемари моќта на Facebook но и Google кои ќе ги јадат трошките и остатоците на многуте неуспешни иницијативи. Алтернативни социјални сервиси (мислам на пример како Foursquare) може еден ден наскоро да станат дел од некое од големите семејства како Google. Во овој случај, пласирањето на информации во социјалните мрежи бизнисите ќе го развиваат според предностите и различностите кои им ги пружа мрежата, а портфолиото на мрежи нема да биде така големо како што мислевме.

Ова се теориите сега за сега, а да ме прашавте пред две години ќе ви кажев дека Facebook ќе пропадне ако не понуди опција за колаборација на документи итно заради тоа што на луѓето се' што им треба е Wave...


Како Google + ќе ја зголеми својата база на корисници?

Во последниве 3 недели сите зборуваат за Google +. Муабетите се вртат се околу тоа како Google ќе го "победи" Facebook, дека Twitter ќе мора сериозно да работи на менување на фукционалностите да го задржи моментумот, итн. Би сакала накратко да изнесам неколку главни причнини зошто и како Google + (Плус) ќе ја зголеми својата база на корисници во следниот период.

  • Привлекувањето на "early adopters" кои веќе умешно управуваат со својата пубилка, пред се' на Twitter - бројот на корисници на Плус расте секој ден, но во моментов сепак се работи за доминантно тех-гикови и Интернет фрикови (без навреда, се шалам). Тоа се истите оние кои го почнаa и оддржаа разговорот на Twitter, и тоа е многу битно. Овие корисници не се само војаери или заинтересирани за online dating, туку навистина активно споделуваат содржини онлајн. Со тоа муабетот на Плус непречено тече, нема молк, така што и попaсивниот дел од заедницата почнува да се активира. Концептот е - онаму каде има многу настани/случувања, ќе има и гужва. 
  • Опцијата за "pull" и "push" споделување на содржини - за разлика од други социјални мрежи, на Плус можете не само да бирате кого ќе следите, туку и кому би сакале да му презентирате различни информации. На оние кои им ја "буткате" вашата содржина можат да одберат како и дали ќе ја конзумираат, а до вас останува како ќе се "продадете". Оваа функционалност во иднина ќе биде особено важна за бизниси на Плус. За сега, вака лесно се шири мрежата на корисници. 
  • Лесниот начин на таргетирање на публика - многу се зборува на оваа тема деновите. Се работи за функционалноста "circles" и одличниот начин на кој истите можете да ги менаџирате. Секако, опцијата сите објави да ви се public е дополнителна предност.
  • Опции за збогатување на објавите во "stream"-от (фотографии, линкови, текст, видеа) - Многу полесно и попрегледно може да се изрази корисникот отколку на Twitter и Facebook. 
  • Мобилни апликации - корисниците на онлајн услугите не ги користат веќе само преку browser или клиент. Развојот на Плус апликации за Андроид и најавата за апликација за iPhone гарантираат уште поинтензивно користење на Плус како и многу голема причина за зачленување (особено ако сте еден од оние кои се' користат преку мобилен уред - телефон или таблет).  
  • Веќе постоечката база на корисници на Google услуги и идна интеграција со истите - маил, документи, пребарување, календар, фотографии, блогови се само дел од услугите кои еден сопственик на Google профил  може да ги користи. За сега само Picasa е делумно интегирана во Плус, но можната идна интеграција со другите сервиси ќе биде уште поголема причина за зголемување на базата на кориснци. 
  • Искуството од пропаднатите социјални иницијативи "Wave" на "Buzz" - се надеваме дека нешто научија од неуспесите. Во оваа фаза е евидентно дека претераниот ексклузивитет на поканите заедно со премногу и конфузни нови термини од "Wave" и претераната сличност Twitter без "value added" со "Buzz" не се дел од стратегијата овој пат. Гугл оди на чист и едноставен сервис насочен кон потребите на корисниците искористувајќи ја дупката со недостатоци на Twitter и Facebook. 

Причини има уште, овие ги одбрав за највпечатливи. Времето ќе покаже се', но љубопитноста е голема.




Што фалеше и не фалеше на "Social Media Day"

Конечно во Македонија, после гостувањата на цела плеада продажни, МЧР и маркетинг експерти,  се организираше локална конференција на темата социјани медиуми и нивната практична примена во бизнисот.  
Присутноста на "Social Media Day" беше слична како и на другите вакви настани, иако изостануваа познати wannabies од маркетинг светот што на пример го преплавија Аце Палас за Котлер.
Самите сесии беа добро димензионирани за публиката, која од друга страна беше би рекла полу-рецептивна на пораките кои се испратија дента. Иако во околината слушав шушкање дека потребни се повеќе локални примери, сметам дека можеби локалните примери во овие денови се малку несоодветни бидејќи социјалните медиуми се покажаа како одлична политичка наспроти бизнис алатка. Сепак сметам дека ќе беше добар ПР ако некоја македонска фирма ја промовираше својата активност во социјалните медиуми како добра бизнис практика. Би сакала да ги резимирам моите видувања за денот:

  1. Вирал моментот со физичките лајкови и наградната игра беше супер. Требаше само спонзорот да се откаже од еден од екраните на бината за да таму оди во живо #smdmk или ѕидот со симпатично шутрачките слики за далеку поголем ефект...
  2. Сите зборуваа за тоа што да се прави при димензионирањето на присуството на социјаните медиуми. Недостасуваше дискусија зошто да се оди онлајн, и дали по секоја цена, веднаш? Да, на сите им стана јасно дека при добро раководено присуство на социјаните медиуми придобивките се големи, но кои се оние случаји кога треба да се внимава при зачекорувањето во светот на колаборативните онлајн медиуми?
  3. Не се посвети внимание на интерните аспекти на одлуката за комуницирање на социјаните медиуми. Отварањето на една компанија на своите клиенти преку уште една контакт точка бара сериозен редизајн на многу интерни процеси насочени кон клиентите. Освен промоцијата, се менуваат и процесот на поплаки, регрутирање на нови кадри, иновација...Организацијата не треба лаички и избрзано да нурне во социјалните мрежи, напротив, оваа активност бара длабока анализа и редизајн на интерните системи.
  4. Никој не спомна експлицитно дека волјата на менаџметот е пресудна. Да, Запос е добар пример за менаџер кој промовира култура на иновации и отвореност во комуникацијата, но не се сите фирми стартап компании основани од млади претприемачи. Најголем предизвик за сите оние кои седеа на конференцијата е како да ги "продадат" социјанлите медиуми на нивните средовечни газди/менаџери и притоа да ги предупредат за сите последици... 
  5. Не се сложувам со предавачот дека Интранетот ќе умре за некоја година. Не се сложувам дека социјалните мрежи ќе бидат одговрни за таа смрт. Напротив, сметам дека колаборативната технологија во интерна средина придонесува за зголемена кретивност и ефективно управување со знаењето (knowledge management). Синергијата на социјаните медиуми и интерните колаборативни алатки е она што, барем во "knowledge-intensive" индустрии (читај скоро веќе секој модерен бизнис) ќе придонесе за зголемени резултати. Чист пример - Твитер случајно да не им остави база на знање на вработените кои им треба помош во проектно работење?
  6. Не разбрав зошто трендот за менување на димензиите на банерите на не-социјани сајтови е клучна поента на конференцијата.
  7. На крај, ме разочараа коментарите меѓу понекогаш и дрската публика која нема трпение и култура да покаже почит за говорниците. "Ова се е добро брат, ама не е за кај нас..." Точно е дека не е за кај нас - за секаде е. Кој ќе проба и навистина сериозно ќе си ја фати работата, ќе си сфати.
Генерално, уживав во денот. Попладнето го продолжив во истиот е-бизнис дух, што толку понекогаш ми недостасува. Добро е што луѓето дојдоа на конференцијата и дискусијата се отвори. Сега е време да се продолжи со поддигање на свеста во нашата ни "експертска" заедница.

Партнерства со зрели Интернет посредници

Она што со веќе со години се зборува за влијанието на Интернетот врз дистрибуциските канали може да се забележи дека конечно навлегува во своја зрела фаза. Имено, појавите на ре/дис/инфо-интермедијација (читај посредување) се само некои од новите форми на реинвентирање на начинот на кој производи, услуги и воопшто содржини се дистрибуираат онлајн.

Онлајн услуги за споредба на цени и букирање на летови/аранжмани се веќе мејнстрим примери на Интернет посредници. eBay и P2P клиентите создадоа нова парадигма на комплетно исклучување на бизнисите во онлајн трансакциите. Овие нови појави го реформираа стратешкото маркетинг планирање во буквално сите индустрии.

Многу ми се допадна веста дека во петокот за прв пат се лансираше Kindle Lending Club BETA. Не дека ситно ги бројам деновите дур да ми стигне новиот Kindle, туку и дека конечно Kindle книгите исто како и old-school hard-copy книгите ќе може да се позајмуваат меѓу Kindle заедницата. Идејата за оформување на клубот се родила на 30-ти декември лани кога од Амазон соопштија дека на своите корисници конечно ќе им овозможат опција за позајмување.

Да постоеше Kindle пред 10-тина години, во времето кога сите ги беше фатила грозница за магичната моќ на Интернетот и бескрајните можности на технологијата, еден просечен Kindle сопственик најверојатно по е-маил со reply to all ќе почнеше дискусија со своите пријатели за размена на книги или на некој прогресивен претприемач можеби ќе му текнеше да направи форум/фан страна за Kindle-аши. 

Во 2011 нова варијабла во равенката се социјалните медиуми. Комуникацијата од уста на уста, особено во специфични социјални заедници (Communities of Practice - CoPs) е светлосно побрза меѓу корисниците на социјалните мрежи.
Така во ситните денови на 2011, по неверојатно брзото растење на бројот на членови на Фејсбук групата за Kindle-аши, некому брзо брзо му текна за нова startup компанија за онлајн посредување меѓу позајмувачи и позајмители (иако функционалноста е овозможена на официјалниот сајт на Амазон). Така што теоретски, Kindle Lending Club е C2C сајт и притоа го скока Амазон во главната услуга - позајмувањето.

Некој сега без да изброи до 10 ќе рече - книгите ќе се продаваат помалку - Амазон треба да стои понастрана од овој "venture". Но, ако размислите, тоа не мора да биде така:
  1. Позајмувањето сепак не е неограничено
    (книга се позајмува максимум 14 дена еднократно)
  2. Една книга е достапна, само ако некој ја даде на позајмување и истата не може да биде позајмена на повеќе од еден читач во исто време (исто како во класична библиотека)
  3. Книгата додека е позајмена не е достапна за сопственикот
  4. Не сите книги имаат можност да се позајмуваат - тие права ги дефинира издавачот
А ова се само ограничувањата кои ги поставува Амазон. Kindle Lending Club своите приходи ќе ги заработува преку процент од продажбата на Амазон како резултат на афилијација на реклами поставени на сајтот за позајмување. Амазон за сега молчи, но не треба да избрзува со крајна одлука да не го поддржи сајтот.
Која е логиката?
Корисниците после долго чекање на посакуваните наслови може и да се решат конечно да ги купат. Откако ќе прочитаат некоја книга која ќе им се допадне, наместо позајмувачи ќе добијат желба да се и сопственици на книгата. Понатаму, промоцијата на врзаните производи за Kindle може да влијае на зголемување на продажбата на овие артикли.
Формулата е win-win за двете страни.
Амазон практично ќе го контролира (односно ќе има корист од) неформалното и формалното разменување на книги. Неформалното разменување и онака неконтролирано се случува и фактот дека Амазон може да има и дел од колачот е можност што не се пропушта.

Но генерално ова е лекција за сите маркетери. Супститутите и посредувачите кои се јавуваат на пазарот не треба да се гледаат како потенцијална закана туку како потенцијални партнери. Така во C2C равенката се додава B пак. Традиционалните канали на дистрибуција една компанија треба да ги држи близу, но новите Интернет посредници уште поблизу. Социјалните мрежи вистински влијаат на зголемената моќ на купувачите која не треба да се потцени, туку да се искористи. Маркетинг планирањето и воопшто развојот на бизнисите треба да се гледаат низ таква призма која е ослободена од мејнстрим правилата на пазарната игра.

За крај:

Формула за успешен бизнис модел за ре/дис/инфо-интермедијација = партнерство со основниот извор + јутилизација на социјални медиуми

Формула за успешен е-бизнис = партнерство со supply chain компании/супститути/Интернет посредници + јутилизација на социјални медиуми

Web 2.0 стероиди или витамини?


Пред некој ден составував нова "to-do" плејлиста за гледање документарци и при селекцијата си заплакав на трејлерот на Драг Закари (Dear Zachary). Кога ги избришав солзите, најдов торент, го симнав и почнав да размислувам - што ако еден ден некој ми го чита дневникот што нередовно го пишував во моите тинејџерски години (13 -19)? Последен пат кога самата го читав на неколку места сретнав изјави како оваа: "колку смешно, не би сакала еден ден некој ова да го види". Иако мојот дневник од доцните деведесетти има мала веројатност да стане лесно достапна читанка за пошироката јавност, се плашам дека денешните млади луѓе имаат многу повеќе повод за грижи од мене. 

Споменарите и дневниците денес се на web 2.0 стероиди, така што секоја наша мисла има бар еден бекап на некој сервер илјадници километри од нас. Дали навистина сакаме да бидеме постојано потсетувани на она што сме го мислеле низ годините? 
Одговорот на ова прашање ги удри голем број од корисниците на Фејсбук во лице кога пред некој ден социјалната мрежа ја промовираше својата нова функционалност која како и многу досега треба да придонесе за збогатено онлајн искуство на корисниците. Функционалноста "memorable stories" или приказни за паметење, слично на ретро сликите од пријатели со кои најчесто имате интеракција, ве потсетува на стари статуси кои може и пред неколку години осамнале на вашиот ѕид. Овој "trip down memory lane" може да е толку долг, што статусите може и да се од оние кои од било која причина сте ги избришале. Токму овој недостаток ја крена јавноста на нозе и повторно го отвори прашањето за приватноста на Интернет. 

Според мене, и покрај фактот што со овој мал пропуст се покажа дека Фејсбук сепак нема да ни дозволи да се збогуваме од сите траги што сме ги оставиле онлајн, тоа не е еднствениот и централен проблем. Станува се' појасно дека постојаното иновирање на една проверено успешна онлајн услуга мора да се прави со зголемена внимателност и подлабока анализа. Имено, новините на Фејсбук се' повеќе го оддалечуваат од она што иницијално го направи успешен - чиста социјална алатка која за разлика од своите конкуренти не ве срами дека сте гледале онаму каде што не треба, не ви создава дополнителни дистракиции и не настојува да го правите она поради што не се чувствувате удобно. Да се разбереме, Марк Зукенберг, спротивно на она што сакаат да ве убедат во Социјалната мрежа (The Social Network) не измисли ништо ново (како на пример "relationship status"), само успешно го продаде она што другите пробаа, но стихијно се полакомија и не успеаја. 

Со услугите како потсетување на фотографии на пријатели чии што албуми најчесто ги прелистувате, или статуси кои посакувате никогаш да не отишле во етер корисниците веќе не се чувствуваат пријатно. Фејсбук деновиве е најбезбедно да се отвори само за свои очи, зошто ако некој друг го види рандом ретрото кога сте логирани - проблеми се ближат.
Најголемата предност на Фејсбук - големата база на корисници уште некое време ќе го држи во друштвото на влијателни играчи на онлајн пазарот. Но денот кога бизнис моделот на Марк Зукенберг ќе стане бајат и здодевен, се прашувам дали некој нов 21-годишен Марк спремен за откажување од престижниот Универзитет каде што студира повторно ќе понуди свеж почеток за некои нови генерации желни за дневник на витамини.

Creative Commons License
This work is licensed under a Creative Commons Attribution 3.0 Unported License

.