
Пред некој ден составував нова "to-do" плејлиста за гледање документарци и при селекцијата си заплакав на трејлерот на Драг Закари (Dear Zachary). Кога ги избришав солзите, најдов торент, го симнав и почнав да размислувам - што ако еден ден некој ми го чита дневникот што нередовно го пишував во моите тинејџерски години (13 -19)? Последен пат кога самата го читав на неколку места сретнав изјави како оваа: "колку смешно, не би сакала еден ден некој ова да го види". Иако мојот дневник од доцните деведесетти има мала веројатност да стане лесно достапна читанка за пошироката јавност, се плашам дека денешните млади луѓе имаат многу повеќе повод за грижи од мене.
Споменарите и дневниците денес се на web 2.0 стероиди, така што секоја наша мисла има бар еден бекап на некој сервер илјадници километри од нас. Дали навистина сакаме да бидеме постојано потсетувани на она што сме го мислеле низ годините?
Одговорот на ова прашање ги удри голем број од корисниците на Фејсбук во лице кога пред некој ден социјалната мрежа ја промовираше својата нова функционалност која како и многу досега треба да придонесе за збогатено онлајн искуство на корисниците. Функционалноста "memorable stories" или приказни за паметење, слично на ретро сликите од пријатели со кои најчесто имате интеракција, ве потсетува на стари статуси кои може и пред неколку години осамнале на вашиот ѕид. Овој "trip down memory lane" може да е толку долг, што статусите може и да се од оние кои од било која причина сте ги избришале. Токму овој недостаток ја крена јавноста на нозе и повторно го отвори прашањето за приватноста на Интернет.
Според мене, и покрај фактот што со овој мал пропуст се покажа дека Фејсбук сепак нема да ни дозволи да се збогуваме од сите траги што сме ги оставиле онлајн, тоа не е еднствениот и централен проблем. Станува се' појасно дека постојаното иновирање на една проверено успешна онлајн услуга мора да се прави со зголемена внимателност и подлабока анализа. Имено, новините на Фејсбук се' повеќе го оддалечуваат од она што иницијално го направи успешен - чиста социјална алатка која за разлика од своите конкуренти не ве срами дека сте гледале онаму каде што не треба, не ви создава дополнителни дистракиции и не настојува да го правите она поради што не се чувствувате удобно. Да се разбереме, Марк Зукенберг, спротивно на она што сакаат да ве убедат во Социјалната мрежа (The Social Network) не измисли ништо ново (како на пример "relationship status"), само успешно го продаде она што другите пробаа, но стихијно се полакомија и не успеаја.
Со услугите како потсетување на фотографии на пријатели чии што албуми најчесто ги прелистувате, или статуси кои посакувате никогаш да не отишле во етер корисниците веќе не се чувствуваат пријатно. Фејсбук деновиве е најбезбедно да се отвори само за свои очи, зошто ако некој друг го види рандом ретрото кога сте логирани - проблеми се ближат.
Најголемата предност на Фејсбук - големата база на корисници уште некое време ќе го држи во друштвото на влијателни играчи на онлајн пазарот. Но денот кога бизнис моделот на Марк Зукенберг ќе стане бајат и здодевен, се прашувам дали некој нов 21-годишен Марк спремен за откажување од престижниот Универзитет каде што студира повторно ќе понуди свеж почеток за некои нови генерации желни за дневник на витамини.
1 коментари:
Што ги тера луѓето неконтролирано да шлапаат работи по Интернет, не ми е јасно.
Фејсбук (Цукерберг) од тоа си направи кариера, а -- сосема е јасно -- (зло)употребата на наивните корисници му е основен бизнис модел.
Мене не ме виделе, и нема да ме видат. Тенк ју вери мач. :)
Post a Comment