Масакар на едно општество

Се сеќавам на првиот пат кога го гледав "Bowling for Columbine". Го гледав на ТВ Телма и тоа мислам дека беше во периодот меѓу 2004 и 2006, не подоцна и не порано. Се сеќавам на чувствата во врска со филмот и кои елементи најмногу ме потресоа и останаа длабоко во сеќавање. 
Тогаш, интересен ми беше Мерлин Менсон, куриозитетот дека канаѓаните не заклучуваат врати, игнорантноста на обичниот американец.

Вечерва го гледав пак. Години подоцна, но со сосема различни емоции. Можеби тоа е бидејќи сега сум повозрасна, и поинформирано им пристапувам на одредени општествени појави и текови, но не мислам дека тоа е се'. Фактот дека во Америка во последните 10 години од снимањето на филмот се случија десетици нови погрозоморни убиства исто така не е дел од тоа што го чувствувам во моментов. 

Ако во 2004 мислев дека сосема сум ја сфатила пораката на Мур дека во Америка под влијание на мејнстрим медиумите во функција на големите корпорации систематично се создава страв што води до вооружување и насилство, пораката што денес ја извлекувам е сосема друга. 
Филмот ги обработува методите на влевање на тој страв кај населението, како и заедниците кон кои се насочува овој страв. Се укажува на начинот на кој омразата се вкоренува како дел од секојдневието на обичниот човек, а притоа му се дава пристап до оружје за да делува во случај на можна "опасност". 

Но, ова за мене веќе не се чини како некоја појава во земја илјадници километри од тука. Не ми се чини како нешто што можеби еден ден во некоја далечна иднина ќе дојде на мојот праг и агресивно ќе ми чука на врата. Не, ми се чини како да пред малку го гледав на вести. Не го ли прочитав на некој портал пред малку? Она момчено од Штип не ли го направи истото? 

Ми делува како да го живеам Колумбајн. Но, во мојата реалност, не ми треба некој буцмаст документарист да ми објасни како дојдовме ваму. Се плашам дека во оваа реалност ние сите знаеме како и кога се создава омразата. Се создаваше вчера, денес, ја чекам и утре. Знаеме со секој изговорен или прочитан збор, со секој ден што зазорува на мејнстрим но и алтернативните медиуми. Ние сега, повеќе од било кога сме свесни за тоа што ни се случува, но наместо да се бориме, не' понесува стихијата. 

Можеби немаме можност легално да поседуваме оружје, но живееме во време кога агресијата во било која форма може да послужи како куршум. Повторно и повторно учиме дека со поголема омраза, добиваме поголеми ефекти. Така стануваме поуспешни, а слабите маргинализирани и бедни. Да, реков слабите, не маргинализираните. Денес веќе не ни знаеме кој е вистински маргинализиран. 

Збунети сме.

Ги мразиме соседите, ама и тие не' мразат нас.
Ги мразиме успешните, а кога ќе успееме ги мразиме оние кои не успеале.
Ги мразиме различните, па се трудиме да бидеме исти.

Мразејќи ги другите, се мразиме и себе си. 
На волку омраза, никој веќе нема кредибилитет да не' учи за почитта и љубовта. 

ASO повеќе од SEO? Залезот на една ера во пребарувањето.

До пред некоја година, секој нов производ, услуга, медиум, итн. беше клучно да имаат своја веб страна која лесно и брзо може да се најде преку неколку од најпопуларните Интернет пребарувачи. За оваа намена се разви сосема нова наука наречена опримизација на веб пребарување, или "Search Engine Optimization (SEO)".
Денес за се' што ќе ми притреба наместо на Google Search, прво одам на smartphone-от и барам апликација за таа намена. И најчесто моето барање завршува тука. Бидејќи бројот на апликации во Google Play Store и App Store секој ден расте (700.000+ и во двете), станато е тешко за обичниот корисник да го најде она што го бара, а за развивачот на апликацијата да се позиционира меѓу конкуренцијата.
Имињата на апликациите заради истата причина стануваат се' покомплицирани. На пример пред некој ден се намачив да ја најдам Pixlr-o-matic (и' го бев заборавила името), па ја барав како "photo", па "photo editing", и на крај некако ми излезе. 

Овој тренд секоја можна услуга која може да се најде онлајн, вклучувајќи ги и порталите да постои и во форма на мобилна апликација, нема да заврши набргу, туку напротив е само на почеток. Тоа укажува на се' поголемата важност на оптимизацијата на пребарувањето на мобилните апликации, или според новиот термин "App Store Optimization (ASO)". 


ASO е уште млада дисциплина, па затоа и некои работи не се сосема јасни. Правилата на игра во моментов не се дефинирани и се жива материја. Предностите од управувањето со волкава база на апликации не се во целост исползени од главните играчи на пазарот - Android и Apple. Сето ова наскоро ќе се смени, па "експертите" за нови технологии треба внимателно да го следат овој развој. 


Што е она што во моментов знаеме за ASO? На што треба развивачите да внимаваат во моментов?

Најпрво, развивачот треба внимателно да ги осмисли следните работи:
  • Име на апликацијата 
  • Опис на апликацијата
  • Клучни зборови
Ова се трите главни елементи за да се постигне соодветна позиција на апликацијата при пребарувањето во првиот момент. Но овие елементи се многу основни, и тука не завршува работата на развивачите, туку постои следен слој на фактори кои се и текако битни што произлегуваат по лансирањето на апликацијата:
  • CTR - Click-through-rate на пребарувањето
  • Број на симнувања на апликацијата
  • Број на бришења на апликацијата
  • Интензитет на користење на апликацијата
  • Ажурност на апликацијата (колку е стара и колку е актуелен последниот update)
  • Рејтинг на апликацијата
За да се обезбеди висок резултат во горенаведените полиња, клучна алатка е онлајн ПР-от. Вметнување на можности за споделување на апликацијата или содржини од истата на социјалните медиуми, интеграција со Open Graph, таргетирање на креатори на мислењето во различни заедници се само дел од алтернативите. Веќе постојат начини за измамување на некои од резултатите преку различни ботови и сл., но со созревањето на дисциплината, како што бевме сведоци во делот на SEO, можностите за измама се минимални и други вештини се пресудни.

Понатаму, партнерството со издавачкиот тим на продавницата треба да се гради и негува. Можноста за промоција на самата продавница не е новост, но во позадина има и други методи. Релативно е лесно да се најдат членовите од издавачките тимови во секоја од продавниците (Google+, Twitter, etc.), и вреди да се обиде да се комуницира со нив со цел подобро позиционирање на пазарот.

Исто така, несомнено е дека и самиот квалитет на апликацијата е пресуден, но одредени резултати не можат да се постигнат само со ослонување на квалитет и доброволен word-of-mouth. Така што, за креирањето на успешна апликација во денешно време, потребно е големо знаење и систематичност, но и учење од минатото искуство.

Creative Commons License
This work is licensed under a Creative Commons Attribution 3.0 Unported License

.