Партнерства со зрели Интернет посредници

Она што со веќе со години се зборува за влијанието на Интернетот врз дистрибуциските канали може да се забележи дека конечно навлегува во своја зрела фаза. Имено, појавите на ре/дис/инфо-интермедијација (читај посредување) се само некои од новите форми на реинвентирање на начинот на кој производи, услуги и воопшто содржини се дистрибуираат онлајн.

Онлајн услуги за споредба на цени и букирање на летови/аранжмани се веќе мејнстрим примери на Интернет посредници. eBay и P2P клиентите создадоа нова парадигма на комплетно исклучување на бизнисите во онлајн трансакциите. Овие нови појави го реформираа стратешкото маркетинг планирање во буквално сите индустрии.

Многу ми се допадна веста дека во петокот за прв пат се лансираше Kindle Lending Club BETA. Не дека ситно ги бројам деновите дур да ми стигне новиот Kindle, туку и дека конечно Kindle книгите исто како и old-school hard-copy книгите ќе може да се позајмуваат меѓу Kindle заедницата. Идејата за оформување на клубот се родила на 30-ти декември лани кога од Амазон соопштија дека на своите корисници конечно ќе им овозможат опција за позајмување.

Да постоеше Kindle пред 10-тина години, во времето кога сите ги беше фатила грозница за магичната моќ на Интернетот и бескрајните можности на технологијата, еден просечен Kindle сопственик најверојатно по е-маил со reply to all ќе почнеше дискусија со своите пријатели за размена на книги или на некој прогресивен претприемач можеби ќе му текнеше да направи форум/фан страна за Kindle-аши. 

Во 2011 нова варијабла во равенката се социјалните медиуми. Комуникацијата од уста на уста, особено во специфични социјални заедници (Communities of Practice - CoPs) е светлосно побрза меѓу корисниците на социјалните мрежи.
Така во ситните денови на 2011, по неверојатно брзото растење на бројот на членови на Фејсбук групата за Kindle-аши, некому брзо брзо му текна за нова startup компанија за онлајн посредување меѓу позајмувачи и позајмители (иако функционалноста е овозможена на официјалниот сајт на Амазон). Така што теоретски, Kindle Lending Club е C2C сајт и притоа го скока Амазон во главната услуга - позајмувањето.

Некој сега без да изброи до 10 ќе рече - книгите ќе се продаваат помалку - Амазон треба да стои понастрана од овој "venture". Но, ако размислите, тоа не мора да биде така:
  1. Позајмувањето сепак не е неограничено
    (книга се позајмува максимум 14 дена еднократно)
  2. Една книга е достапна, само ако некој ја даде на позајмување и истата не може да биде позајмена на повеќе од еден читач во исто време (исто како во класична библиотека)
  3. Книгата додека е позајмена не е достапна за сопственикот
  4. Не сите книги имаат можност да се позајмуваат - тие права ги дефинира издавачот
А ова се само ограничувањата кои ги поставува Амазон. Kindle Lending Club своите приходи ќе ги заработува преку процент од продажбата на Амазон како резултат на афилијација на реклами поставени на сајтот за позајмување. Амазон за сега молчи, но не треба да избрзува со крајна одлука да не го поддржи сајтот.
Која е логиката?
Корисниците после долго чекање на посакуваните наслови може и да се решат конечно да ги купат. Откако ќе прочитаат некоја книга која ќе им се допадне, наместо позајмувачи ќе добијат желба да се и сопственици на книгата. Понатаму, промоцијата на врзаните производи за Kindle може да влијае на зголемување на продажбата на овие артикли.
Формулата е win-win за двете страни.
Амазон практично ќе го контролира (односно ќе има корист од) неформалното и формалното разменување на книги. Неформалното разменување и онака неконтролирано се случува и фактот дека Амазон може да има и дел од колачот е можност што не се пропушта.

Но генерално ова е лекција за сите маркетери. Супститутите и посредувачите кои се јавуваат на пазарот не треба да се гледаат како потенцијална закана туку како потенцијални партнери. Така во C2C равенката се додава B пак. Традиционалните канали на дистрибуција една компанија треба да ги држи близу, но новите Интернет посредници уште поблизу. Социјалните мрежи вистински влијаат на зголемената моќ на купувачите која не треба да се потцени, туку да се искористи. Маркетинг планирањето и воопшто развојот на бизнисите треба да се гледаат низ таква призма која е ослободена од мејнстрим правилата на пазарната игра.

За крај:

Формула за успешен бизнис модел за ре/дис/инфо-интермедијација = партнерство со основниот извор + јутилизација на социјални медиуми

Формула за успешен е-бизнис = партнерство со supply chain компании/супститути/Интернет посредници + јутилизација на социјални медиуми

Web 2.0 стероиди или витамини?


Пред некој ден составував нова "to-do" плејлиста за гледање документарци и при селекцијата си заплакав на трејлерот на Драг Закари (Dear Zachary). Кога ги избришав солзите, најдов торент, го симнав и почнав да размислувам - што ако еден ден некој ми го чита дневникот што нередовно го пишував во моите тинејџерски години (13 -19)? Последен пат кога самата го читав на неколку места сретнав изјави како оваа: "колку смешно, не би сакала еден ден некој ова да го види". Иако мојот дневник од доцните деведесетти има мала веројатност да стане лесно достапна читанка за пошироката јавност, се плашам дека денешните млади луѓе имаат многу повеќе повод за грижи од мене. 

Споменарите и дневниците денес се на web 2.0 стероиди, така што секоја наша мисла има бар еден бекап на некој сервер илјадници километри од нас. Дали навистина сакаме да бидеме постојано потсетувани на она што сме го мислеле низ годините? 
Одговорот на ова прашање ги удри голем број од корисниците на Фејсбук во лице кога пред некој ден социјалната мрежа ја промовираше својата нова функционалност која како и многу досега треба да придонесе за збогатено онлајн искуство на корисниците. Функционалноста "memorable stories" или приказни за паметење, слично на ретро сликите од пријатели со кои најчесто имате интеракција, ве потсетува на стари статуси кои може и пред неколку години осамнале на вашиот ѕид. Овој "trip down memory lane" може да е толку долг, што статусите може и да се од оние кои од било која причина сте ги избришале. Токму овој недостаток ја крена јавноста на нозе и повторно го отвори прашањето за приватноста на Интернет. 

Според мене, и покрај фактот што со овој мал пропуст се покажа дека Фејсбук сепак нема да ни дозволи да се збогуваме од сите траги што сме ги оставиле онлајн, тоа не е еднствениот и централен проблем. Станува се' појасно дека постојаното иновирање на една проверено успешна онлајн услуга мора да се прави со зголемена внимателност и подлабока анализа. Имено, новините на Фејсбук се' повеќе го оддалечуваат од она што иницијално го направи успешен - чиста социјална алатка која за разлика од своите конкуренти не ве срами дека сте гледале онаму каде што не треба, не ви создава дополнителни дистракиции и не настојува да го правите она поради што не се чувствувате удобно. Да се разбереме, Марк Зукенберг, спротивно на она што сакаат да ве убедат во Социјалната мрежа (The Social Network) не измисли ништо ново (како на пример "relationship status"), само успешно го продаде она што другите пробаа, но стихијно се полакомија и не успеаја. 

Со услугите како потсетување на фотографии на пријатели чии што албуми најчесто ги прелистувате, или статуси кои посакувате никогаш да не отишле во етер корисниците веќе не се чувствуваат пријатно. Фејсбук деновиве е најбезбедно да се отвори само за свои очи, зошто ако некој друг го види рандом ретрото кога сте логирани - проблеми се ближат.
Најголемата предност на Фејсбук - големата база на корисници уште некое време ќе го држи во друштвото на влијателни играчи на онлајн пазарот. Но денот кога бизнис моделот на Марк Зукенберг ќе стане бајат и здодевен, се прашувам дали некој нов 21-годишен Марк спремен за откажување од престижниот Универзитет каде што студира повторно ќе понуди свеж почеток за некои нови генерации желни за дневник на витамини.

Creative Commons License
This work is licensed under a Creative Commons Attribution 3.0 Unported License

.