Слактивизам или активизам, кое е помало зло?

Во петокот го гледав Кони 2012. Со закаснување, да, но некако немав 30 минути деновиве да посветам на видеото. Видеото во овој момент има околу 70 милиони прегледувања само на YouTube - многу во споредба да речеме на "I will always love you" од Витни по нејзината смрт што има околу 33. Инаку Кони е злосторник од Уганда кој (како и во други афрички воени {пара}формации) во својата "војска" регрутира деца и ги присилува на грозоморни злодела. 

Видеото повикува на две работи: 

  1. вклучување во кампања за заробување на Кони преку купување и искористување на "пакет" за подигање на свеста (со постери, алки, налепници - герила алатки), пишување на писма, маилови и телефонски повици до државници = АКТИВИЗАМ
  2. споделување на видеото на социјални мрежи и гласно зборување за истото онлајн = СЛАКТИВИЗАМ 
Деновиве критичарите дискутираат дали слактивизамот е еден вид на неполезна појава и дека единствено во комбинација на вистински активизам, проблемите може да се решат преку гласовите на Интернет корисниците.

Тоа не е поентата.

Да погледнеме од една друга перспектива. Слични примери како Кони (иако не во целост и во големина) во последниве години имам видено многу. Од Food Inc. до HOME и Collapse, сите имаат слична цел која ја комуницираат на крајот - ние ќе ви помогнеме да сфатите која е ВИСТИНАТА за одредената проблематика, а вие имате опција сега да ја споделите оваа мудрост со пријателите, понекогаш се повикува на граѓанска непослушност, или пак 
вршење притисок на креаторите на политиките во земјата.
Интернетот како алтернативен канал на терадиционалните мејнстрим медиуми е одлична алатка за презентирање на теории на заговор, малку познати факти за големи неправди и вешто чувани тајни од очите на јавноста. Како специфичен нов медиум, Интернетот им дава на гледачите/целната публика на располагање пристап до огромна количина на информации, а тие потоа имаат избор да го формираат своето мислење и да одлучат дали и како ќе се активираат за одредена кауза.
Но прашањето е: дали со постоењето на овој избор се елиминира субјективноста која најчесто ја наметнуваат машинериите на мејнстрим медиумите?
Да се вратиме на документарните филмови, тие најчесто го покажуваат своето видување од одредената проблематика. Колку и да вметнуваат аргументи на "другото стојалиште", тие пак ги презентираат информациите во функција на за нив посакуваната вистина. Не велам дека најголемиот број вакви филмови се погрешни и дека намерно ја искривуваат вистината. Не велам дека Кони е лажен и дека тука завршува приказната. Лично се согласувам со повеќето најчесто environmental продукции.

Но суштината на проблемот е - на кое ниво е свеста на Интенрет корисниците, односно гледачите за тоа дека некои виситини се во најмала рака посложени отколку што делуваат? Дали после гледањето на спектакуларно видео како Кони 2012 кое ве тера да заплачете и ви создава гнев кон прокламираните виновници вие сте спремни доволно длабински да истражувате пред да скокнете кон активизам? Точно е дека алатките се таму, Википедија на прво место, па медиуми, блогови, итн., но дали ќе истражувате доволно длабоко и без biases (предрасуди) ќе судите за сите нови информации?

Јас велам - не баш! Мислам дека колку што Интернетот ни дава опција да носиме информирани одлуки, толку и претставува нов канал за машинериите за перење мозоци кои сега имаат уште еден канал за делување. 
Пораката би ми била - не дозволувајте лесно да ве импресионира нечив истражувачки проект. Пред да се впуштите во активизам, па и слактивизам, преиспитајте ги корените на вашата верба во каузата. Размислете дали е можно да сте биле предмет на нов вид на масовна индоктринација?

Како бизнисите да се справат со трендот на C2C услугите?

Во последно време C2C (Customer-to-customer) бизниси масовно никнуваат и се нова омилена тема на колумнистите од технолошките портали, а богами и на "ангелите" инвеститори. 
Бизниси како Zipcar, RelayRiders, Getaround, Airbnb, Netflix, веќе споменатиот Kindle клуб и низа нивни конкуренти се "the talk of the web" во последниве месеци. Иако повеќето се мачат да остварат профит, иновативните бизнис модели ги прават привлечни за инвеститорите, а со самото свое постоење ги размрдуваат традиционалните бизнис парадигми во повеќе индустрии. 
Иако концептот воопшто не е нов и јас ваквите модели ги нарекувам "рециклирани", сепак искористувањето на Интернетот како алатка за посредување при трансакциите меѓу корисник и корисник е во подем. Најадекватен пример за ваков бизнис уште во ерата пред експлозијата на ИКТ се "time-sharing" туристичките услуги. 

Дискусијата е сега насочена кон тоа дали овие нови играчи на пазарот ќе продолжат да се шират и со тоа ќе успеат да опстанат на долг рок, но и дали нивното постоење сериозно ја загрозува профитабилноста на цели индустрии. Меѓу другото, гласно се зборува за размерот на еколошките импликации, односно намалувањето на разни видови на "отпад" и намалување на емисиите на стакленички гасови. Се разбира за ова никој вистински не се грижи, служи единствено како слаткоречив изговор и брендинг.

Не во сите примери трансакциите одат дирекно - корисник со корисник, но заедничко е тоа што на крајот се' се сведува на споделување на едно исто добро меѓу повеќе корисници.  Zipcar на пример поседува сопствена флота на возила кои различни корисници (т.н. Зипстери) имаат можност да ги користат без истите да ги поседуваат, имено возилата се изнајмуваат и на некој начин делат меѓу повеќе возачи. 
RelayRiders и Getaround се платформи преку кои возачите сопствените возила ги "позајмуваат" на други возачи во близина на органичено време. Сајтовите се супер со тоа што ги нудат сите потребни информации за трансакцијата - каде се наоѓа колата, во каква состојба е, кога е слободна, за колку време сопственикот одговара на барањата, итн. Смартфоните и мобилните апликации се голем фактор во целата "value-preposition" како неделлив сегмент на секоја нова бизнис стратегија. Генерално услугите што овие сајтови ги нудат имаат потенцијал да евоулираат во уште поквалитетни искуства. Сите имаат разработено системи на сигурност и активно работат на доверливост на услугата.

Нема да навлегувам во тоа дали овие нови услуги се нов балон што кај и да е ќе пукне. Лично верувам дека пазарот ќе дозволи најуспешните неколку да опстанат, другите или ќе пропаднат или ќе ги купи конкуренцијата. Поважното прашање е како да реагираат најзасегнатите индустрии кои се соочуваат со неочекувана конкуренција.
Одговорот лежи во онаа старата "if you can't beat them, join them". 
Би го издвоила примерот на General Motors и партнерството со RelayRiders. Наместо постоењето на услуга како RelayRiders да претставува закана за намалена продажба на возила, за GM оваа ситуација е можност за зголемување на обемот на продажба преку партнерство со "противникот". Се работи за промовирање на возила на GM со вградена т.н. OnStar технологија која овозможува полесно истите да се изнајмуваат користејќи мобилни уреди. 

Поуката е дека конкуренцијата денес доаѓа од онаму од каде што најмаку очекувате. Бизнисите денес треба многу мудро да ги креираат стратегиите и притоа да не ја исклучуваат можноста за изненадувања. Наместо напад, понекогаш е добро и да се подаде рака на оние кои се закана за бизнисот. На крај не треба да заборават дека во природата на луѓето е да се заштеди секогаш кога постои прилика и за оваа цел се користат сите канали и методи на располагање. Интернетот како овозможувач за здружување на луѓето за остварување на заедничките цели само ќе им помага во овие напори. 


Зошто ERP? Зошто е ERP.

Имплементацијата на информатички системи е императив за сите бизниси - од стартапи до традиционални бирократски организации. Неодамна читав за еден многу добар пост за тоа дека причините за неуспехот на проектите за имплементација на ИТ решенија во организациите не лежат во природата на самото решение и колку тоа прилега на потребите и можностите на организацијата. Би сакала прашината од блогот да ја забришам со отварање на прашањето - зошто пропаѓаат овие обемни и скапи проекти?

ИТ решенијата се имплементираат колку да се имплементираат
- во превод единствена цел на проектот за имплементација на системот е истиот да заврши со финален аутпут - функционален (технички) систем. 


Дефинирање на потребите (requirements) за имплементација врз основа на технички параметри
- сосема не земајќи предвид кои се постоечките процеси на работа и како истите би можеле да станат поефикасни преку воведување на ИТ алатка. При воведувањето на системите може да дојде до сериозно усложнување на одредени процеси кои претходно функционирале беспрекорно.


Кратка визија
- воспоставување на правила на користење на системот (откако истиот е имплементиран) кои ги задоволуваат само тековните организациски потреби, и не размислување за идните потреби за развој (т.н. "quick fix"). На пример - дефинирање на задолжителни полиња за пополнување во "CRM" софтвер кои еден ден ќе бидат причина за генерирање на погрешни извештаи кои нема да бидат никаква помош на менаџментот при носење на стратешки одлуки.

Тесна визија - односно ограничено гледање на системот што се имплементира како "stand-alone" решение, без да се инкорпорираат во големата слика севкупните ИТ решенија кои ги користи организацијата - во моментот и евентуално во иднина. Ова би значело дека при воведувањето на одреден систем кој за своите потреби користи и креира одредена база на податоци се креира паралелна документација на одредени "настани" кои веќе се архивираат во други системи и бази. Притоа, откако оваа штета е нанесена, понекогаш поминува и премногу долго време во кое се активни овие паралелни системи, и интеграцијата на базите станува се' покомплицирана и секако поскапа.


Кои се вашите искуства во вашата организација? Дали ова се проблеми со кои и вие се соочувате, дали е можеби грешам или нешто недостасува? 

Споделете! 

Creative Commons License
This work is licensed under a Creative Commons Attribution 3.0 Unported License

.