Слактивизам или активизам, кое е помало зло?

Во петокот го гледав Кони 2012. Со закаснување, да, но некако немав 30 минути деновиве да посветам на видеото. Видеото во овој момент има околу 70 милиони прегледувања само на YouTube - многу во споредба да речеме на "I will always love you" од Витни по нејзината смрт што има околу 33. Инаку Кони е злосторник од Уганда кој (како и во други афрички воени {пара}формации) во својата "војска" регрутира деца и ги присилува на грозоморни злодела. 

Видеото повикува на две работи: 

  1. вклучување во кампања за заробување на Кони преку купување и искористување на "пакет" за подигање на свеста (со постери, алки, налепници - герила алатки), пишување на писма, маилови и телефонски повици до државници = АКТИВИЗАМ
  2. споделување на видеото на социјални мрежи и гласно зборување за истото онлајн = СЛАКТИВИЗАМ 
Деновиве критичарите дискутираат дали слактивизамот е еден вид на неполезна појава и дека единствено во комбинација на вистински активизам, проблемите може да се решат преку гласовите на Интернет корисниците.

Тоа не е поентата.

Да погледнеме од една друга перспектива. Слични примери како Кони (иако не во целост и во големина) во последниве години имам видено многу. Од Food Inc. до HOME и Collapse, сите имаат слична цел која ја комуницираат на крајот - ние ќе ви помогнеме да сфатите која е ВИСТИНАТА за одредената проблематика, а вие имате опција сега да ја споделите оваа мудрост со пријателите, понекогаш се повикува на граѓанска непослушност, или пак 
вршење притисок на креаторите на политиките во земјата.
Интернетот како алтернативен канал на терадиционалните мејнстрим медиуми е одлична алатка за презентирање на теории на заговор, малку познати факти за големи неправди и вешто чувани тајни од очите на јавноста. Како специфичен нов медиум, Интернетот им дава на гледачите/целната публика на располагање пристап до огромна количина на информации, а тие потоа имаат избор да го формираат своето мислење и да одлучат дали и како ќе се активираат за одредена кауза.
Но прашањето е: дали со постоењето на овој избор се елиминира субјективноста која најчесто ја наметнуваат машинериите на мејнстрим медиумите?
Да се вратиме на документарните филмови, тие најчесто го покажуваат своето видување од одредената проблематика. Колку и да вметнуваат аргументи на "другото стојалиште", тие пак ги презентираат информациите во функција на за нив посакуваната вистина. Не велам дека најголемиот број вакви филмови се погрешни и дека намерно ја искривуваат вистината. Не велам дека Кони е лажен и дека тука завршува приказната. Лично се согласувам со повеќето најчесто environmental продукции.

Но суштината на проблемот е - на кое ниво е свеста на Интенрет корисниците, односно гледачите за тоа дека некои виситини се во најмала рака посложени отколку што делуваат? Дали после гледањето на спектакуларно видео како Кони 2012 кое ве тера да заплачете и ви создава гнев кон прокламираните виновници вие сте спремни доволно длабински да истражувате пред да скокнете кон активизам? Точно е дека алатките се таму, Википедија на прво место, па медиуми, блогови, итн., но дали ќе истражувате доволно длабоко и без biases (предрасуди) ќе судите за сите нови информации?

Јас велам - не баш! Мислам дека колку што Интернетот ни дава опција да носиме информирани одлуки, толку и претставува нов канал за машинериите за перење мозоци кои сега имаат уште еден канал за делување. 
Пораката би ми била - не дозволувајте лесно да ве импресионира нечив истражувачки проект. Пред да се впуштите во активизам, па и слактивизам, преиспитајте ги корените на вашата верба во каузата. Размислете дали е можно да сте биле предмет на нов вид на масовна индоктринација?

0 коментари:

Creative Commons License
This work is licensed under a Creative Commons Attribution 3.0 Unported License

.