Веќе повеќе години сме сведоци на нечујно изедначување на естетиката на многу светски, а неодамна и локални брендови. Под естетика се мисли на сета визуелна комуникација на еден бренд со својата пошиорка публика - од логото и неговото позиционирање, до дизајн на веб страни, телевизиски/видео и принт/фото реклами.
Иако несомнено се работи за следење на некои нови трендови, не може а да не се воочат некои заеднички естетски елементи кои се присутни во еволуцијата кај сите брендови.
Но, овој процес не е завршен, туку е на самиот почеток. Причина за оваа појава е развојот на технологијата и растот на популарноста на социјалните медиуми, особено Фејсбук.
Инспирирана од предавачот на денешната одлична обука за Фејсбук како платформа за маркетинг, каде разговаравме за новите промени на Фејсбук и што тие ќе значат за брендовите, сфатив дека сега, повеќе од било кога, брендовите имаат многу тешка задача да постигнат визуелна диференцијација кај своите корисници/публика.
Иако тоа не го гледаме, Фејсбук им држи лекција на брендовите по естетика.
Се разбира, по мене оваа нова игра која е наметната од Фејсбук е само комплементарна на веќе постоечкиот тренд во рекламирањето. На што конкретно мислам?
Не сте ли забележале дека рекламите на големите компании (со интернационално присуство), особено оние кои комуницираат само бренд а не конкретна понуда, наликуваат едни на други? Ние како консуматори на овие содржини, веќе несвесно ги примаме овие информации и не ни ја воочуваме оваа "едноличност".
Истото се случува и со комуникацијата на социјалните медиуми. Но, тука оваа промена не е доброволна. Ако досега брендовите можеа да објавуваат реклами со било каква слика на Фејсбук, отсега ќе треба да внимаваат, бидејќи количината на текст што е дозволен да стои на фотографијата е ограничен. Така, Фејсбук ги обврзува брендовите да постираат моќни слики со малку текст. Понатаму, промената на News feed-от на Фејсбук со ставање на поголем акцент на фотографиите повторно ги обврзува брендовите да работат на креирање на квалитетни фото-содржини кои ќе доминираат во корисничкиот News feed.
По мене, оваа појава е истовремено позитивна и негативна. Од една страна, за нас како корисници ја отежнува работата лесно да ги распознаваме брендовите кои не' интересираат во целиот тој визуелен метеж, а од друга пак, брендовите ги приморува константно да иновираат и да работат на квалитетот на своето презентирање.
Да се разбереме, многу текст, џиновски логоа и лоши слики се основни состојки за кич. Воведувањето на визуелни правила и рестрикции од страна на медиумот кој има пристап до најмногу корисници во светот, може само да значи - помалку кич.
Ќе бидеме сведоци на една нова борба на брендовите за нашето внимание, но оваа борба ќе биде многу пожестока од било кога досега.
Ако краткиот tagline и фотографијата на која лежи не предизвика иницијален интерес кај обичниот Фејсбук корисник, веќе на неколку милиметри подолу ќе се најде нова попримамлива содржина, а претходната објава е веќе заборавена.
Епа копирајтери, дизајнери и фотографи, добродојдовте на Фејсбук!
0 коментари:
Post a Comment